ЗА ХОТЕЛОТ


Позиционирани сме на најидеалниот дел од езерскиот брег доколку вашата желба е да престојувате во хотел кој граничи со езерото, кое пак граничи со небото, а и двете граничат само со вашата имагинација. Токму затоа со задоволство ја извршуваме улогата на пасошка контрола при преминувањето на овие граници. Се наоѓаме на само 3 километри од Охрид, затоа не ви ни треба автомобил за да стигнете до центарот на градот, но доколку сакате без проблем може да изнајмите во самиот хотел.


Доколку сте љубители на велосипедите, исто така немате проблем - ви стоиме на услуга, како и во случаите во кои посакувате да играте тенис, фудбал, да бирате дали сакате да се бањате на плажата пред хотелот или во базен во рамките на комплексот, или едноставно сакате да ја гледате водата удобно сместени на лежалка, да уживате во умерениот ветар кој ви посакува добредојте и да го гледате бисерот на Македонија пред вашите очи. Сите вашите желби ги исполнуваме со најголемо задоволство!


Како логистичка поддршка за нашите 27 апартмани, 19 двокреветни соби и 3 резиденцијални (претседателски) апартмани, го имаме ресторанот со 220 места, поделени на идеална половина внатре и на терасата покрај преубавото езеро. Важно да се знае: ако премногу ви се допадне собата / апартманот во кој престојувате, толку многу што би посакале да е ваша сопственост, ќе ве потсетиме уште еднаш дека ние ги исполнуваме сите ваши желби. Безжичниот интернет не го сметаме како желба туку како основно човеково право во 21-виот век, па нема потреба да ви кажеме дека доколку сакате да бидете поврзани и со светот, а не само со преубавата природа, не треба да се грижите воопшто.


Во нашите соби ќе се чувствувате покомфортно и од сопствениот дом бидејќи се дизајнирани токму за да ви го создадат тоа чувство: престојот во нашиот хотел да ви биде во „домашен амбиент“.


ОХРИД


ОХРИД - градот кој зрачи светлина од почетокот на времето. За Охрид се напишани многу приказни, легенди, километри патеписи. Песни, поеми, раскази. Охрид е насликан, фотографиран, сниман, документиран, копан и прекопуван, истражуван, конзервиран. Охрид е граден и надоградуван, запаметен и прераскажуван.


И меѓу сите приказни за 365-те цркви, царевите кои љубоморно го сакале само за себе, светците кои во отсјајот на брановите ја запишале азбуката на која денес зборуваат стотици милиони луѓе низ светот, меѓу сите приказни кои ги раскажуваат фугите по градските калдрми, кајчињата на рибарите, плажите и кафулињата кои водат љубов со езерото, ве покануваме да ја доживеете најубавата приказна: Онаа, Вашата!


Дојдете во Охрид и бидете дел од неговата историја и иднина - истовремено. Охрид тоа го може! Вие го заслужувате!

ОХРИД

Next